И покрај пандемијата со Ковид-19, со Програмата за заштита на населението од ХИВ се постигнати значајни резултати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска се одбележува Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА. Според Светската здравствена организација, од доцните 90’ години, светот бележи прогрес, но ХИВ инфекцијата и натаму останува голем глобален здравствен проблем. И како и многу други глобални здравствени проблеми, дополнителен предизвик претставува пандемијата со Ковид-19.

Во нашата земја, во текот на 2020 година, до 30 ноември регистрирани се вкупно 29 нови лица со потврдена ХИВ-инфекција, а новодијагностицираните припаѓаат на различни возрасни групи од 20 до 69 години. Сите новодијагностицирани се од машки пол, додека според начинот на пренос, кај 25 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи кои имаат сексуални односи со мажи, а 4 лица се изјасниле како хетеросексуалци.

Половина од новодијагностицираните ХИВ-тестот го направиле во сервисите коишто нудат бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање и советување – во невладините организации и во рамките на институциите. Останатите половина биле дијагностицирани во други здравствени установи или дошле од странство.

До овој момент на Клиниката за инфективни болести вкупно 306 пациенти се вклучени во системот на здравствена заштита во врска со ХИВ, а 99% (n=303) од нив примаат антиретровирусна терапија, што е исклучително висок процент. Само 3 лица сè уште не почнале да примаат терапија, поради тоа што во тек е спроведувањето на неопходни претходни анализи, средување на документи поврзани со здравственото осигурување, или по личен избор на пациентот.

Во овој момент кај 91% од пациентите вирусот е супримиран, односно имаат т.н. недетектабилно ниво на вирус во крвта. Се очекува ова да се постигне кај сите пациенти коишто почнале со терапија. Тогаш имунитетот на пациентите може да ја врши својата функција и да се регенерира, а исто така, исклучена е и можноста за пренос на вирусот.

Во текот на 2020 година починаа вкупно 6 пациенти, при што 4 лица биле доцна дијагностицирани, а 2 лица одбиле да се лекуваат.

На сите пациенти им се нуди стручна психосоцијална поддршка во врска со започнувањето на антиретровирусната терапија со цел да се осигура правилно и редовно земање на лекови и да се избегнат евентуални несакани ефекти. Пациентите имаат постојана достапност на тимот кој дава медицинска и психосоцијална поддршка. Во услови на КОВИД-19 се остварува и зачестена телефонска комуникација со пациентите, особено со оние кои неодамна се вклучиле во лекувањето.

Во однос на спроведувањето на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2020 година оваа година, поради пандемијата со КОВИД-19, целата програма се спроведува во вонредна состојба којашто директно влијае на обемот на работата што ја спроведуваат организациите, но сепак се постигнати значајни резултати. Платформата на граѓански организации ангажирани во имплементацијата на ХИВ програмата на почетокот на пандемијата подготви протокол за работа во време на вонредната состојба, кој е во согласност со насоките на Министерството за здравство, запазувајќи ги сите потребни заштитни мерки при нудење на услугите, како и насоки за лична заштита на пациентите и нивните семејства и блиски.

И покрај пандемијата со Ковид-19, реализацијата на програмата бележи резултати. Во периодот од 1 јануари до 30 ноември 2020 година со основен пакет на услуги за превенција опфатени се 8.353 лица од клучните популации засегнати од ХИВ, и тоа: вкупно 3.656 лица што инјектираат дрога (остварување од 81% на поставената цел од 4.500 лица), од кои 313 се нови лица; вкупно 1.596 сексуални работници (остварување од 86% од поставената цел), од кои 144 се нови корисници на услугите и вкупно 3.101 мажи кои имаат секс со мажи (остварување од 62% од поставената цел), од кои 641 нови корисници на услугите.

Дополнително на основниот пакет во рамките на Програмата дадени се медицински услуги и информации, социјални услуги и психолошки услуги, советување и тестирање за сексуално преносливи инфекции.

Со програмата за бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање со брзи скрининг тестови преку граѓанските организации опфатени биле вкупно 1773 припадници на клучните засегнати популации, лица кои инјектираат дрога, сексуални работници и мажи кои имаат сексуално односи со мажи.

Притоа биле детектирани 11 реактивни резултати на тестовите и овие лица биле поврзани со Клиниката за инфективни болести за потврда на дијагнозата.
Меѓу сите клучни засегнати популации, дистрибуирани се вкупно 219.508 кондоми и 54.480 информативни и едукативни материјали.