Ферати и романската амбасадорка разговараа за правата на заедниците и влашкиот јазик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, и амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте, одржаа средба на која разговарале за унапредување на билатералната соработка во областа на заштитата на правата на сите заедници во Република Северна Македонија, како и за зачувување на традициите, јазикот, културата и наследството на влашката заедница во земјава.

Ферати и Аксинте, како што информираат од Министерството, ги оцениле како одлични билатералните односи што се градат со години, партнерството меѓу двете пријателски земји и сојузнички во Северноатлантската алијанса, како и подготвеноста на Романија да ги сподели своите искуства од процесот на приближување кон Европската Унија.

За време на средбата, Ферати ја информирал амбасадорката Аксинте за работата на Министерството, активностите за градење доверба, промовирање на вредностите, унапредување на соработката и спроведување различни активности, особено со младите.

Тој истакнал дека, иако ја презел функцијата министер пред само три месеци, е забележан видлив напредок во неколку области, меѓу кои и соработката со медиумите, со цел намалување на тензиите и спречување на говорот на омраза.

Романската амбасадорка изразила задоволство од работата на Министерството, но истовремено укажала на загриженоста поради малиот број влашки ученици кои ја следат наставата на својот мајчин јазик, меѓу другото и поради недостигот од наставен кадар.

Ферати ја уверил амбасадорката дека Министерството ќе ги разгледа предлозите од Амбасадата на Романија, влашката заедница и граѓанското општество, со цел да се поттикнат влашките деца да го изучуваат јазикот на своите родители, како и да се промовираат културата и традициите на оваа заедница.