И новиот министер за здравство Арбен Таравари најавува дека ќе го решава проблемот со недостиг на кадри, не само во Клиниката за онкологија туку и на другите клиники во земјава, проблем кој трае веќе со години, а воедно и за недостигот на терапии и лекови. Итно вработување на нов кадар и разработување на онколошките центри низ државава за да не мора сите пациенти да доаѓаат во Скопје и со тоа да се растеретат гужвите, најави Таравари , кој истакна дека наскоро за овие проблеми ќе подготви извештај кој ќе го достави на седница на Влада.
„Следниот период јас се надевам дека како министер за здравство ќе инсистирам барем да се дозволат вработувања, да не ги преоптоваруваме вработените и така цела Македонија гравитира само тука. Ни преостанува идната недела да имаме конкретни барања од Клиниката и потоа заедно со директорот да седнеме со министерката за финансии и да побараме, да вршиме притисок по секоја цена да дадеме приоритет на Онкологија за да може нормално да функционира. Ваквото функционирање и за пациентите е тешко, меѓутоа, реално и за медицинскиот кадар е претешко“, вели Арбен Таравари.
На Клиниката за онкологија веќе извесен период нема одредена терапија и дека се враќаат пациенти без да ја примат потребните лекови. Директорот Стојковски признава дека го имаат овој проблем, но најави дека наскоро ќе биде надминат.
„Работиме на проблемот да го решиме и се надеваме дека во најбрз временски период ќе го има лекот. Онколошкиот конзилиум и натаму функционира, тоа е од нашите лекари клинички онколози на кој одлучуваме конзилијарно за терапијата и мислам дека за сите пациенти за кои ќе биде индицирано ќе ја добиваат потребната терапија“, вели Игор Стојковски.
На само два дена од неговото именување, новиот директор на Фондот за здравство Сашо Клековски најави дека ќе бидат обезбедени неопходните буџети за потребите на клиниките.
„Сега претстои ребаланс на буџетот на државата и ќе направиме максимален напор да ги обезбедиме неопходните буџети за лекување на и на Онкологија и на Хематологија и на другите болници каде што има усвоено буџети“, вели Сашо Клековски.
Клиниката за онкологија минатата година ја потресе скандал во кој високи раководни лица меѓу кои и екс директорот Нино Васев биле вмешани во криминал во кој беше откриено дека имало преголема набавки на цитостатски терапии без тендер, за кој се сомневаше дека се препродавале.
