И во 2021 година ќе останат само надежите за ЕУ, за Португалија како претседавач, проширувањето не е приоритет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Каква ќе биде европската перспектива на земјава во оваа 2021 година. Откако на крајот на минатата година сите надежи паднаа во вода со блокадата на Македонија за почеток на преговорите од страна на Бугарија, неизвесно е до кога ќе останеме блокирани пред вратата на Европската унија. Претседавањето со Европската унија од вчера е во рацете на Португалија која во своите приоритети го нема проширувањето. Германскиот државен министер за Европа Михаил Рот во интервју сепак предупреди дека не е добро Западен Балкан да се остави во некаков вакуум простор.

„Итно ни требаат позитивни сигнали за Западен Балкан. Ако ЕУ остави вакуум на Западен Балкан, тогаш други сили кои не ги делат демократските вредности на ЕУ, ќе влезат во тој вакуум од геостратешки причини. Ние си пукаме сами во колено.“, рече Рот.

Новиот француски амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер во неговото прво интервју дадено за Клик плус на ТВ21 вели дека ваквата состојба на блокада која не се знае ни колку ќе трае ќе биде фактор кој може да влијае врз стабилноста на регионот.

„Тоа значи дека во оваа состојба на блокада која трае, тоа ќе биде фактор кој влијае за нестабилноста во овој дел од светот. Поради ова, се зајакнува се повеќе европскиот интерес за да се најде решение во што е можно пократок рок.“, изјави Бомгартнер.

Премиерот Зоран Заев во презентирањето на владината програма Акција 21 и покрај тоа што не посвети многу внимание на прашањето на почетокот на преговорите, сепак порача дека останува наш приоритет. Рече дека иако Европската унија испрати лош сигнал за проширувањето, дека Владата нема да отстапи од европскиот пат и ќе се ангажира да ги донесе европските стандарди дома.