Двајца републиканци во Претставничкиот дом на САД ја повикаа администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ги продолжи санкциите против Нафтената индустрија на Србија (НИС), објави американскиот медиум „Хил“.
НИС е под американски санкции бидејќи мнозинскиот сопственички удел во компанијата е во рацете на руски компании.
Руските сопственици поседуваат 56,15 отсто од акциите, од кои 44,85 отсто ѝ припаѓаат на државната компанија „Гаспром Нефт“.
Републиканските конгресмени Џо Вилсон и Кит Селф во петокот испратиле писмо до американското Министерство за финансии, во кое се спротивставиле на продолжувањето на олеснувањето од санкциите за НИС.
„Ви пишуваме за со почит да побараме да го преиспитате продолжувањето на сите дополнителни привремени лиценци со кои би ѝ се овозможило на Нафтената индустрија на Србија да продолжи со работа, и покрај американските санкции поврзани со нејзината руска сопственичка структура“, се наведува во писмото.
Писмото е упатено до американскиот министер за финансии Скот Бесент.
НИС минатата недела побара од американското Министерство за финансии да ѝ издаде нова лиценца со која би можела да продолжи со работа.
Сегашната лиценца за НИС, издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при американското Министерство за финансии, истекува на 30 септември.
Американската администрација воведе санкции против НИС на почетокот на 2025 година, со цел да ѝ оневозможи на Русија да ги користи приходите од енергетскиот сектор за финансирање на војната во Украина.
Повеќе од една година санкциите се одложуваат, а откако унгарската компанија МОЛ се појави како заинтересиран купувач, лиценцата на OFAC за работењето на НИС периодично се обновува.
НИС обезбедува 80 отсто од енергетските потреби на Србија, но е во мнозинска сопственост на руските енергетски гиганти „Газпром Нефт“ и „Газпром“, кои се под американски санкции.
Вилсон и Селф изразуваат загриженост дека исклучоците му овозможуваат на НИС да ги одолговлекува преговорите за продажба на рускиот удел во компанијата.
Во јануари, унгарската компанија МОЛ соопшти дека постигнала договор со „Газпром Нефт“ за купување на неговиот мнозински удел во НИС, но договорот сè уште не е финализиран.
„Преговорите за конечниот купопродажен договор сè уште траат, додека МОЛ побара од вашиот оддел дополнително одобрување за продолжување на работењето, и покрај ограничениот напредок“, велат конгресмените.
„Дополнително, Србија продолжува да одржува блиски политички и економски врски со Русија и, за разлика од повеќето европски земји, не воведе санкции против Москва по инвазијата на Украина во февруари 2022 година“, додаваат тие.
Поради врските меѓу Србија и Русија, загриженост е изразена и во американскиот Конгрес.
За време на дебата во Конгресот во средината на септември, беше изразена двопартиска загриженост за односите на Србија со Русија и Кина, а беа поставени и прашања дали во рамки на Стратешкиот дијалог меѓу САД и Србија се разговарало за „злонамерното влијание“ на Москва и Пекинг./РСЕ
