И Заев и Филипче на прославата на ДУИ во Чаир – Меџити и Беџети не дојдоа, Меџити вели ќе одам другпат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во паркот во Чаир ДУИ ја организираа завршната прослава по повод 20-годишнината од основањето на нивната партија. Се погрижија со музика и коктели да ги пречекаат поканетите гости. Функционери и службеници пристигнаа и од Косово.

А, Артан Груби се пошегува со Рамиз Ладровци од Демократската партија на Косово.

„Да ја направеше велосипедската патека, прв ќе беше…“

На прославата присуствуваа премиерот Ковачевски и министерот Спасовски. Нешто подоцна дојде и екс-премиерот Заев, во придружба на поранешниот министер за здравство, Венко Филипче.

Присутни беа градоначалници од редовите на ДУИ, директори и раководители на разни институции, но на големата прослава изостанаа еден од основачите на ДУИ, Изет Меџити и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети.

Го прашавме Бујар Османи зошто Беџети и Меџити не се тука, но иако тој лично ги пречекуваше гостите, рече дека не знае кој сѐ е таму.

„Не знам, има многу луѓе тука. Сега ќе видам, со сите ќе се поздравам. Не знам кој е тука, а кој не“, вели Бујар Османи.

ТВ21 ги праша Меџити и Беџети зошто не присуствуваа на денешната прослава. Само Меџити ни одговори кратко со „ќе одам другпат“.

Пред присутните се обрати само партискиот лидер, Али Ахмети. Тој меѓу другото повика на бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата.

„Ги повикувам сите учесници во општеството, политичари, институции, медиуми, невладини организации, судство и обвинители да отвориме национален фронт против корупцијата и да ја искорениме не со зборови, пропаганда и клевети, туку со конкретни пријави без „лов на вештерки“, вели Али Ахмети.

Како за крај, Ахмети откри кому му е посветена 20-годишнината на ДУИ.

„Денешниот 20-годишен јубилеј е посветен на младите кои денеска одбележуваат 20 години од раѓање заедно со ДУИ. Оваа 20-годишнина е посветена на следните две децении и затоа кој е подготвен за ова патување нека го врзе безбедносниот појас и нека се застане зад мене“, посочи Али Ахмети.