Иако водата не можеше да се користи цел месец поради загаденост, на стружани сепак им беа доставени сметките за февруари.
Дури ни одлуката на општинскиот совет, донесена пред неколку дена, со која општината требаше да ги преземе обврските за плаќањето, не ги стопираше сметките.
„Што се однесува до буџетот, треба да се види како ќе се пренаменат тие средства и тие нема да паднат на товар на јавното претпријатие, туку на општината. Сметам дека граѓаните покажаа трпение и оваа сметка треба ние да ја платиме, бидејќи нешто што не го користеле не треба да го плаќаат“, рече Димче Шипинкаровски, советник од СДСМ во Општина Струга.
Пристигнувањето на сметките и прекршувањето на ветувањето дека нема да бидат наплатени, ги револтира и разочара граѓаните. Но директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Струга, Јованчо Мечкароски, вели дека одлуката во општината била донесена откако сметките веќе биле издадени за потрошувачите.
„За жал, граѓаните кои ги платиле сметките се ставени во ист кош со оние кои не ги платиле и за кои веќе се водат постапки со извршители и адвокати. Во изминатите две недели потпишавме голем број налози кон нашите адвокати за покренување постапки против граѓани и компании кои не ги платиле сметките. Во оваа ситуација, чесните граѓани се ставени во ист кош со неплаќачите“, рече Јованчо Мечкароски, директор на ЈП „Водовод и канализација“.
Вкупните трошоци што ги презеде општината за сметките за вода за физички и правни лица за месец февруари изнесуваат над 145 илјади евра, додека актуелниот долг на ЈП „Водовод и канализација“ Струга изнесува над 4,8 милиони евра.
