Паркирањето по булевари и крстосници продолжува да биде нормална активност во Тетово. Градоначалникот на општината Биљал Касами бара овој проблем со лошото паркирање да се реши со разбирање меѓу граѓаните и надлежните органи за непречено одвивање на сообраќајот.
„Повторно е истата покана што ја упатив до полицијата и тетовскиот паркинг, двата булевари „Илинден“ и „Благоја Тоска“ да не дозволат паркирање, да се овозможи и локалите работат и ако има слободни места, доаѓа муштерија, паркира 10-15 минути или и пола саат да пазари и да оди“, порача Биљал Касами.
На прашањето дали како градоначалник смее да се меша во ингеренциите на полицијата, во моментот кога сообраќајните знаци не дозволуваат паркирање на булеварите, Касами рече дека побарал нова студија за да се направи зонско паркирање.
„Веќе нарачавме студија за мобилност за Тетово, која исто така ќе го реши ова прашање, што значи дека дел од сообраќајниците во Тетово, поточно булеварите, ќе се спушти нивото на улицата и ќе биде овозможено дел од овие сообраќајници да се користат и за паркирање, подобро да се прилагодат на реалноста на сообраќајот во градот Тетово. И додека имаме таква регулатива, побарав од тетовската полиција да го среди тоа“, вели Биљал Касами.
Акцијата за расчистување на булеварите од лошо паркираните автомобили започна во јули, кога градоначалникот на општината заедно со новиот началник на СВР Тетово излегоа на терен за расчистување на булеварите. Но по само неколку дена состојбата беше повторно иста. Паркирањето на улиците во Тетово е толку нормално што се игнорира и полицијата и пајак службата.
