Зголемувањето на цените на авионските билети во Европа е „неизбежно“ поради зголемувањето на трошоците за авионско гориво, предупреди генералниот директор на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), Вили Волш.
Волш, во интервју за Би-Би-Си, рече дека авиокомпаниите не можат да си дозволат зголемените трошоци за гориво на долг рок, иако некои европски компании неодамна ги намалија цените на билетите поради послабата побарувачка.
Тој, исто така, предупреди на ризиците од снабдувањето пред летната сезона, нагласувајќи дека британската авијација би можела да се соочи со потенцијален притисок врз резервите на гориво за време на шпицот на сезоната, иако, како што рече, „нема причина за паника“.
Според него, дури и во случај на брзо отворање на Ормутскиот теснец, нарушувањата на пазарот на нафта и штетите на рафинериите на Блискиот Исток би можеле да имаат долгорочен ефект врз цените на горивата.
„Едноставно нема шанси авиокомпаниите да си ги дозволат дополнителните трошоци“, рече Волш, додавајќи дека секое намалување на цените ќе биде краткорочно и дека трошоците на крајот ќе бидат префрлени на патниците.
Тој предупреди дека проблемот може да трае неколку месеци, дури и до следната година.
Европската Унија изјави дека не гледа регулаторни пречки за употребата на американското гориво за авиони, под услов неговиот увоз да се управува внимателно, додека комесарот за енергија Ден Јергенсен рече дека не очекува недостиг на краток рок, но дека постојат долгорочни ризици.
Слични проценки доаѓаат и од туристичката индустрија – директорот на компанијата TUI, Себастијан Ебел, рече дека не очекува сериозни нарушувања во наредните месеци.
Британската влада соопшти дека ја следи ситуацијата и соработува со авиокомпаниите за да се избегнат прекини и да се овозможи стабилен распоред на летови во текот на летната сезона.
