Индонезиските власти денеска распоредија повеќе персонал и опрема, додека операциите за пребарување продолжија со цел да ги пронајдат црните кутии од патнички авион, кој се урна во саботата со 62 лица.
Авионот „Сривиџаја Ер Боинг 737-500“ падна во морето неколку минути по полетувањето од аеродромот во Џакарта во саботата.
Најмалку 3.600 лица учествуваа во потрагата во вторникот, што е зголемување во однос на претходниот ден, додека брод со подводна сонарна технологија им се придружи на десетици други пловни објекти, изјави бригадниот генерал Сарман, шеф на операциите во Националната агенција за пребарување и спасување.
Полицијата ја идентификуваше првата жртва пронајдена во морето Јава.
Пронајдени се и делови од авионот, вклучително и оштетена моторна турбина и делови од телото, соопштија официјалните лица.
