Швајцарската полиција ги идентификуваше сите 40 жртви на пожарот што избувна на новогодишната ноќ во ноќниот клуб „Ле Констелашн“ во скијачкиот центар Кран-Монтана, соопштија властите во кантонот Вале.
Обвинителството потврди дека пожарот е предизвикан од употреба на пиротехнички фонтани во објектот.
Според досегашните информации, меѓу загинатите има шест италијански државјани, а повеќето од жртвите се млади луѓе, меѓу кои и голем број малолетници. Пожарот избувнал за време на новогодишната прослава, а според истражителите, пожарот се проширил многу брзо низ затворениот простор, создавајќи густ чад и паника кај посетителите.
Кантоналната полиција соопшти дека се идентификувани последните 16 жртви, со што е завршен процесот на идентификација на сите загинати.
Меѓу нив се три Швајцарки на возраст од 15, 15 и 22 години, 24-годишно девојче со двојно швајцарско-француско државјанство, три Италијанки на возраст од 15 и 16 години, 22-годишна Португалка, 17-годишна Белгијка, шест француски државјани на возраст од 14 до 33 години и 15-годишно момче со француско, израелско и британско државјанство.
Јавното обвинителство соопшти дека истрагата продолжува за да се утврдат сите околности на трагедијата, вклучително и како била организирана прославата и дали биле почитувани безбедносните прописи на местото на одржување.
Трагедијата во Кран-Монтана е една од најсмртоносните несреќи во затворен простор во поновата швајцарска историја, а во неколку градови се одржуваат комеморативни служби во спомен на жртвите.
