Од понеделник ќе биде јасно дали во три општини во земјава ќе се одржат нови локални избори.
Координаторите на пратеничките групи во Собранието веќе ги имаат предлог измените во Законот за локална самоуправа, брифираат за ТВ21 од коалицијата „Вреди“.
Според непотврдени информации, во понеделник ќе се одржи координација, на која се очекува претставниците на партиите да ги искажат своите ставови и евентуалните забелешки за текстот.
Извори од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека ако за законските измени се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, расправата ќе започне веќе во вторник, за кога е закажана пленарна седница во Собранието. За овој закон, покрај 80 гласови „за“, потребно е и Бадентерово мнозинство, а засега измените имаат сигурна поддршка од 78 пратеници.
Од коалицијата „Вреди“ ги најавија законските измени во Законот за локална самоуправа за да нема предвремени избори во општините, чии градоначалници ќе преминат во извршната и законодавната власт. Станува збор за Гостивар, чиј градоначалник Арбен Таравари ќе биде нов министер за здравство, потоа Аеродром, бидејќи се очекува Тимчо Муцунски од градоначалничка да седне во министерска фотелја, како и Сарај, зашто градоначалникот Блерим Беџети од ДУИ ќе продолжи политичката кариера како пратеник.
Со предлогот се предвидува функција „в.д. градоначалник“, кој би раководел со општината до одржувањето на редовни локални избори. Вршителот на должност би се бирал во општинските совет. Според актуелното законско решение, ако има повеќе од шест месеци до редовните локални избори, тогаш се распишуваат нови избори за градоначалник. Таков би бил случајот ако не поминат измените во Законот за локална самоуправа, бидејќи наредните локални избори се следната година наесен. Од коалицијата „Вреди“, кои би биле предлагачи на законот, се надеваат измените да бидат усвоени пред гласањето за идната Влада, кое се очекува да биде наредниот викенд.
