Енди Барнам, кој се смета за иден британски премиер, во понеделникот вети радикални промени во политичкиот систем на Велика Британија преку пренесување поголеми овластувања на регионите и поттикнување соработка наместо политички конфликти, како дел од десетгодишна мисија за поттикнување на „добар“ економски раст.
Во говорот одржан во Музејот на народната историја во Манчестер, кој го нарече „едно од неговите омилени места на светот“, Барнам ги претстави дел од своите планови доколку, како што се очекува, стане седмиот британски премиер во последната деценија, уште на 20 јули.
Ветувајќи „најголема прераспределба на моќта“ во историјата на земјата, тој најави изградба на повеќе социјални станови, поголеми овластувања за локалните власти во управувањето со водоснабдувањето и другите комунални услуги, како и мерки за справување со кризата со трошоците за живот, при што ќе се почитуваат постојните фискални правила.
Барнам повторно нагласи дека неговата програма се темели на искуството што го стекнал како градоначалник на Голем Манчестер, каде што, како што рече, успехот зависел од вклучувањето на бизнис-заедницата, локалните политичари и граѓанските организации.
Во индиректна критика кон премиерот Кир Стармер, кој минатата недела најави повлекување, Барнам порача дека ќе стави крај на политиката на „работење како досега“, оценувајќи дека таа не успеала да го подобри животниот стандард на голем број граѓани.
„Ѝ е потребен пресврт на Британија. Ќе изградиме политика заснована на соработка во Вестминстер, ќе ја намалиме централизацијата и ќе ја пренесеме моќта кај луѓето и заедниците кои најдобро знаат како да ја искористат“, изјави Барнам пред присутните, меѓу кои имаше регионални градоначалници и пратеници од Манчестер.
Тој ги повика граѓаните да замислат економски раст во секој дел од земјата и надеж во секое семејство, порака што многумина ја протолкуваа како обид да се спротивстави на растот на популистичката партија „Реформ УК“ на Најџел Фараж.
Во говорот, кој беше фокусиран на домашната политика, Барнам рече дека неговиот избор за пратеник претходно овој месец го убедил дека британската политика мора темелно да се промени.
Тој најави реформа на државната администрација, најголема програма за изградба на социјални станови од периодот по Втората светска војна, реиндустријализација на земјата и мерки за полесно вработување на младите со цел намалување на трошоците за социјална помош.
Барнам исто така најави формирање на „Северен Даунинг стрит“, односно тим во Манчестер кој ќе преземе дел од работата на кабинетот на премиерот, особено во областа на домувањето, реформите на јавните услуги и индустрискиот развој.
Генералната директорка на Британските стопански комори, Шевон Хевиленд, оцени дека процесот на децентрализација мора да биде тесно поврзан со локалниот бизнис и да донесе придобивки за сите делови на Обединетото Кралство.
Обидувајќи се да ги смири финансиските пазари, Барнам истакна дека политичките промени нема да ја нарушат финансиската стабилност и дека ќе продолжи да ги почитува актуелните фискални правила.
Инвеститорите позитивно ја оценија неговата посветеност на буџетската дисциплина, при што приносите на британските десетгодишни државни обврзници благо се намалија за време на неговиот говор. Сепак, дел од аналитичарите оценија дека говорот содржел малку конкретни детали и дека предложените мерки ќе бараат долг период за реализација.
Неговите пораки беа поздравени од пратениците на Лабуристичката партија, меѓу кои и поранешниот министер за здравство Вес Стритинг, кој се откажа од кандидатура за лидерската функција, со што дополнително се зголемија шансите Барнам да стане нов премиер без сериозна внатрепартиска конкуренција.
Сепак, пред него стојат сериозни предизвици – слаб економски раст, растечка популарност на популистичките партии, кризата со високите животни трошоци и ограничени можности за дополнително задолжување поради строгите фискални правила.
Опозициските партии веднаш го критикуваа, поставувајќи прашање зошто не одговарал на новинарски прашања по првиот голем програмски говор по неговиот избор за пратеник.
Лидерката на Конзервативната партија, Кеми Баденок, изјави дека Барнам „нема вистински план освен да им каже на градоначалниците сами да ги решаваат проблемите“.
Од партијата „Реформ УК“, Ричард Тајс оцени дека говорот е уште еден доказ за, како што рече, „пучот на Барнам“, алудирајќи на можноста тој да стане премиер без нови парламентарни избори.
„На земјата ѝ се потребни нови општи избори“, напиша Тајс на социјалната мрежа Икс.
