ИЈЗ: Нема зголемена радиоактивност по пожарот во Трубарево

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Деталните анализи на воздухот, водата и почвата од околината на опожарениот објект во Трубарево не покажале зголемени нивоа на радиоактивност, соопшти денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Со тоа се отфрлаат стравувањата на јавноста дека по пожарот во фабриката за рециклирање постои радијациона опасност.

Стручен тим на ИЈЗ, во координација со Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за здравство, спровел вонредна контрола и земал примероци од воздух, вода од водоводната мрежа, бунари и бари, како и од почвата во околината на фабриката.

Резултатите од анализите покажуваат:

Воздух и вода: Вредностите на јонизирачко зрачење се во рамки на нормалните референтни граници, без отстапувања.

Тешки метали во вода: Не е регистрирано отстапување во содржината на тешки метали. Забележан е единствено индикатор за зголемена содржина на органски материи во подземната вода, за кои од ИЈЗ наведуваат дека имаат друго потекло.

Почва: Анализата на примероците за присуство на радионуклиди (Радиум-226, Ториум-232 и Калиум-40) потврдила дека нема зголемена радиоактивност и сите вредности се во согласност со законските прописи.

Дополнително, тимот за радијациона заштита извршил дозиметриски мерења на шест локации во кругот на фабриката, вклучително и на влезот од опожарениот магацин. На ниту едно место не било утврдено зголемување на радијацијата, а измерените вредности се во границите на природниот фон на зрачење.

Од Институтот за јавно здравје најавија дека резултатите од последната анализа – за присуство на тешки метали во почвата – ќе бидат објавени во текот на утрешниот ден.