Македонските превозници повторно на протест: „ЕУ мора да го реши проблемот со возачите“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната повторно ги извади македонските превозници на улица. Тие за следниот понеделник најавуваат протест пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, со барање конечно да се најде решение за правилото според кое возачите од земји надвор од ЕУ можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена.

Од „Макам-транс“ информираат дека протестот е договорен на состанокот на балканските превозници одржан на 21 август и ќе се одржи еден ден пред официјалната средба на работната група на ЕУ, на која се очекува да се разговара за можно конечно решение.

Од асоцијацијата оценуваат дека Европската Унија во изминатите седум месеци не покажала доволно волја за надминување на проблемот, иако професионалните возачи во визната стратегија се препознаени како лица кои вршат професионална дејност.

Протестот во Скопје е закажан за 31 август, од 12 до 14 часот, пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија. Најавено е учество на најмалку 20 возила, како и на превозници, професионални возачи и други вработени од повеќе градови во земјава.

Идентични протести во истиот период ќе се одржат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, со што превозниците од четирите земји сакаат заеднички да извршат притисок за решавање на проблемот.

Од „Макам-транс“ најавуваат дека доколку на состанокот на ЕУ не биде постигнато преодно решение, може да следува нова, посериозна акција. Се предлага протест на граничните премини, кој би започнал на 14 септември. За реализација на ваквиот протест ќе биде потребна согласност од превозниците во секоја од земјите, како и одобрение од надлежните институции.

Според најавите, протестот би можел да трае подолго од 10 дена, по примерот на протестите од јануари годинава. Асоцијациите од четирите држави веќе собираат поддршка од превозниците за негово организирање.

Во случај на блокада на граничните премини, превозниците планираат да побараат непречено минување на стоки од особен интерес за државата и граѓаните, меѓу кои нафта и нафтени деривати, јаглен, орудија и препарати потребни за општините и јавните претпријатија, муниција и други стоки.

Паралелно со активностите на превозниците, и македонските институции работат на изнаоѓање решение. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски во изминатиот период информираше дека државата се обидува билатерално да го реши проблемот преку договори со земјите каде што македонските превозници најчесто транзитираат.

Досега такви договори се склучени со Хрватска, Швајцарија и Романија, а се очекуваат и договори со Австрија, Унгарија, Германија и Словенија.

Од „Макам-транс“ велат дека билатералното решавање на проблемот е позитивно, но процесот се одвива премногу бавно.

Билјана Муратовска од „Макам-транс“ предупредува дека ситуацијата може дополнително да се влоши во септември и октомври, бидејќи на голем број возачи веќе им се пресметуваат деновите поминати во Шенген-зоната.

Според неа, при електронските проверки се земаат предвид и претходните влезови и излези, како и печатите во пасошите, што може да доведе до недостиг на возачи и сериозни застои во транспортот.

Муратовска посочува и на можноста за издавање професионални визи, наведувајќи го примерот со турските возачи, за кои ваков модел веќе се применува.

– Решение Унијата има бидејќи на турските возачи им се издаваат професионални визи. Токму тоа е решение и за останатите возачи. Само треба Унијата да договори како тоа ќе го примени и за нашите возачи – вели Муратовска.