Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од високите температури, со цел да се намали ризикот од здравствени компликации за време на топлото време.
Од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува директно изложување на сонце и физички активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога температурите се највисоки. Доколку престојот на отворено е неопходен, граѓаните треба да прават почести паузи под сенка и да носат светла и лесна облека, како и капа и заштитни очила.
Воедно, се советува престој во климатизирани простории, а во домовите преку ден да се држат затворени прозорците и ролетните, додека проветрувањето да се врши во вечерните часови, кога температурите се пониски.
Институтот препорачува и внесување доволно течности во текот на денот, без да се чека појава на жед. Најдобар избор е водата, а може да се консумираат и минерални безалкохолни пијалаци. Од друга страна, треба да се избегнуваат алкохол, пијалаци со кофеин и многу ладни напивки.
Граѓаните се советуваат да консумираат лесна и умерена храна, а да избегнуваат масни, висококалорични и премногу засладени оброци. За разладување, ИЈЗ препорачува туширање со млака вода, ставање ладни облоги или потопување на стапалата во ладна вода.
Посебен апел е упатен до лицата со хронични заболувања, особено со кардиоваскуларни, белодробни и невролошки болести, редовно да ја земаат пропишаната терапија и при секоја промена на здравствената состојба да се консултираат со матичен лекар.
Дополнително, Институтот предупредува никогаш да не се оставаат луѓе или домашни миленици во затворени паркирани возила, бидејќи температурата во нив за кратко време може да достигне опасно високо ниво.
