Илбер Муртези нов директор на албанскиот театар, изборите нема да го попречат отворањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предвремените парламентарни избори нема да го пролонгираат отворањето на Албанскиот театар. Истиот се планира да биде отворен во текот на месецов, тврди новиот директор на Илбер Муртези. Истото пред неколку дена го изјави и државниот секретар во Министерството за култура, Ваљмир Азири. Муртези рече дека со неговото доаѓање на функција нема да дозволи други одложувања за објектот, што според него трае како да се градат 6 објекти.

„Оваа работа се одложува од 2013 или 2014. Да ја кажеме вистината, Скопскиот театар не е изграден, адаптиран е, но ова трае како да се градат 5 -6 објекти. Да ја погледнеме реалната состојба каква е во театарот. Не треба да зависиме ни од изборите, ќе има или ќе нема, ќе се одложат или не, ќе се разболи ли некој или не, нам приоритет ни е да го отвориме објектот и да имаме редовен репертоар. “, рече Муртези.

Ваљмир Азири вели дека не треба да се раководиме од чувствата туку треба да почекаме Министерството за транспорт и врски да ја издаде дозволата за сигурна функција на театарот.

„За технички прашања, добро познати за јавноста, постигнавме да имаме неколку одлагања на роковите за да заврши оваа работа. Верувам дека овој месец ќе се изврши и техничкиот прием од страна на Министерството за транспорт и врски и ќе се пушти во употреба Албанскиот театар. За ваша информација, групата актери во Албанскиот театар одржува проби и се подготвува за првата премиера.“, изјави Азизи.

 Инаку утре се врши примо- предавање на функцијата нов директор на Албанскиот театар. 18 години по ред на чело  на оваа култура институција е актерот Адем Карага, кадар на ДУИ, додека од понеделник со одлука на Министерството за култура, за В.Д. директор доаѓа актерот Илбер Муртези со поддршка од Алтернатива. Карага не сакаше да го коментира завршувањето на неговиот мандат, велејќи дека е на проби. По оваа измена во Албанскиот театар, Муртези рече дека ќе дојдат луѓе од Министерството за култура за анализа на фактичката состојба во институцијата. Театарот во Скопје почна да се реконструира  во 2014 година, а кон крајот на минатата година објектот е завршен но истиот не е пуштен во употреба, со образложение дека се чека дозвола за употреба од Министерството за транспорт и врски.