Или скалесто покачување на платите или протест – економско-социјалниот совет ги разгледува барањата на синдикалците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се бара скалесто покачување на платите на вработените во администрацијата, односно зголемување на бодот на 100 денари, а доколку тоа Владата не го прифати ќе организираме генерален штрајк, најавија од Конфедерацијата на слободни синдикати. Посочуваат дека се револтирани поради игнорантскиот на власта, бидејќи и покрај упатените барања до надлежните во Владата пред се до премиерот Ковачевски, не им е одговорено. Од Конфедерацијата ја обвинија владата дека со зголемувањето на минималната плата се манипулира јавноста со лажни најави за поголеми приходи.

„Делот од гранските синдикати и КСС донесоа одлука да излеземе првично на улица. На улица ќе бидеме на 30 март во 15.30 пред Собрание да им укажеме на нашето незадоволство. Членството е веќе револтирано, ние бевме доволно коректни, можеби требаше и порано ова да го направиме, но ете дадовме шанса на социјалниот дијалог, но очигледно дека не разбираат социјален дијалог, затоа што остануваат глуви излегуваме на улица а подоцна верувам и дека ќе преземеме уште порадикални мерки“, вели Благоја Ралповски.

Од Владата велат дека ова прашање се разгледува на Економско-социјалниот совет и додаваат дека Владата на вчерашната седница го утврди текстот на предлог законот за изменување на Законот за административни службеници.

„Основната цел на предлог законот усвоен вчера е да се постигне еднаквост на вработените во приватниот и во јавниот сектор со најниски примања преку воспоставување на ист износ на законската минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на административните службеници на сите нивоа, како и обезбедување континуитет на промените на платите во администрацијата во однос на минималната на национално ниво како долгорочна цел“, посочи Душко Арсовски.

Вчера и од синдикатот на УПОЗ, а претходно и од СОНК најавија протест доколку нема усогласување на платите со порастот на минималната плата.