Алармантни податоци и годинава за намален број на првачиња во училишните клупи. Загрижувачки е податокот што досега се запишани дури 4.900 првоодделенчиња помалку, иако таа бројка не е дефинитивна поради тоа што се уште трае уписот во основните училишта и се очекува да имаме 3.000 помалку. Трендот на намалување на бројот на првачињата секоја година е се поизразен, па така во 2023-24-та биле запишани 19.848 првачиња, додека во следната 24-та-25-та тој број бил помал за нешто повеќе од 400 деца кога биле запишани 19.452 првачиња. Во следната пак 2025-26-та се бележи зголемен пад на запишани првачиња 17.921 односно 1.500 помалку. Оваа пак 2026-27 досега има запишани 13.000 што не е конечна бројка, но и онаа што се предвидува да бидат 3.000 деца помалку сепак се податоци што многу загрижуваат.
2023 – 2024 запишани првачиња 19.848
2024 – 2025 запишани првачиња 19.452
2025 – 2026 запишани првачиња 17.921
2026 – 2027 запишани првачиња 13.000 – бројката не е конечна
Националниот координатор за демографија и млади и човечки ресурси вели дека сето ова се должи и на падот на наталитетот, но и на иселувањето на младите.
„Се работи за комбинација од двете. Значи ние сме соочени со децении и децении наназад демографска рецесија, пад на наталитетот кој што трае буквално 75 години наназад на пример во 1950 година во Македонија имало 50 илјади родени бебиња, во 2024 имаме 16 илјади родени бебиња. Кога имало во семејството 4, 5 , 6, 7 деца, едно или две да појдат на печалба, другите останувале. Сега имаме ситуација каде што семејството кои што имаат деца, речиси половината имаат 1 дете и ако тоа едно дете замине се затвора куќата“, вели Влатко Ѓорчев.
Но, која е стратегијата на Владата за подобрување на ваквата состојба, не само со наталитетот туку и запирањето на иселувањето на младите.
„Стратегијата е да имаме засилен економски развој, да го намалиме иселувањето колку што можеме повеќе, истовремено на младите генерации да им објасниме, да им кажеме и да им ја пратиме пораката дека покрај што е важен професионалниот успех, важно, убаво и добро е да се формира семејство“, вели Влатко Ѓорчев.
За ваквите податоци со фејсбук статус реагираше и професорот и поранешен министер за финансии Никола Поповски.
„Само за една година бројот на ученици запишани во прво одделение е намнален за 28%. Кога би било 2,89% би било разбирливо, но вака… Плус уште 20 – 25% од оние запишаните ќе се иселат со своите родители пред да го завршат основното образование. Вкупно преполовување на една генерација за само 1 година. Вакво пустошење не направиле ни најголемите епидемии и војни. Можеби ни претстои многу полошо сценарио за иднината и од најлошите што се дискутираат“, вели Никола Поповски.
Вчера министерката за образование Весна Јаневска со загриженост говореше дека бројот на деца во училиштата се помалку има, но што е уште позагрижувачко и поразително за земјава е тоа што тој тренд се очекува и следната година. Инаку, според пресметките од Државниот завод за статистика од 2018 година до оваа 2026-та бројот на запишани деца во прво одделение се намалил за дури 19 проценти.
