Ќе се стави крај на злоупотребата на функционерите кои возат службени автомобили за приватни цели, но ќе се истражува и трошењето на парите од службените картички и имотот со кој располагаат фунскионерите, најави Љупчо Николовски вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот.
„Во владина постапка веќе се влезени неколку уредби со кој што ќе предложиме ограничување односно систематизирање, намалување, и ставање на ред и дисциплина на користењето на службените картички, на службените коли и останатиот имот односно средства со кој што располагаат функционерите“, истакна Љупчо Николовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ со реакција. Обвинуваат дека Николовски секојдневно ја злоупотребува неговата позиција.
„Љупчо Николовски кој што требаше да се бори со корупцијата е заплеткан во низа афери за кои никако да излезе и јавно да одговори. Љупчо Николовски не одговори како тоа негов братучед се вработи во време на криза во Македонска навигација. За Николовски и вработувањата на негови роднини се докажа и во време кога тој беше министер за земјоделство“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Николовски најави дека годинава ќе биде воспоставен нов електронскиот систем за инспекција, „Е-инспектор“. Тој вели дека системот е една од алките во борбата против корупцијата кој е ефикасен контролен механизам преку кој ќе се намали секое субјективно влијание на инспекторите при вршењето на нивните контроли. Е-инспектор електронски ќе ги поврзе сите 28 инспекциски служби под капата на Инспекцискиот совет.
