Им земала пари на штедачите? Истрага против раководителка на штедилница во Кавадарци!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против едно лице и презема предистражни дејствија поради сомненија за повеќе кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување, Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем и Проневера во службата.

Постои основано сомнение дека осомничената, раководителка на филијала на штедилница во Кавадарци, подолг временски период преземала дејствија на измами и злоупотреби на парични средства на штедачите. Таа реализирала фиктивни кредити на име на оштетени граѓани и не ги евидентирала прописно нивните депозити, прибавувајќи така противправна имотна корист.

Со цел обезбедување докази, врз основа на наредба обезбедена од Судот по барање на јавниот обвинител вчера беа извршени повеќе претреси и беше одземена документација и други предмети.

Откако дејствијата на осомничената биле откриени, штедилницата го прекинала нејзиниот работен однос.

Поради ризикот од бегство, јавниот обвинител достави предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на патната исправа и обврска за осомничената да се јавува во судот.

Јавното обвинителство продолжува да презема дејствија за целосно испитување на настанот.