Владините партнери ВМРО-ВРЕДИ никако да ги откријат имињата на функционерите од претходната Влада за кои велат дека се сомневаат за криминал и корупција. Дека има сомнежи за незаконско работење во институциите, денеска повтори и новиот премиер Христијан Мицкоски. Сепак, треба малку време, да не мислиме дека се се прави за шоу, вели тој.
Арбен Таравари од коалицијата ВРЕДИ, министер за здравство, вели дека во моментов се прави ревизија во многу институции во кои има сомнежи за злоупотреба. И Таравари побара време за да се докажат тие сомнежи.
Ги ревидираме повеќето институции и во Тетово имаме индиции, не знам како ќе испадне на крајот, не сакам да прејудицирам. Но, имаме индиции дека имало злоупотреби од страна на поранешниот директор на клиничката болница во Тетово, но оставете ни простор да излеземе со докази доколку тоа е вистина. Ако не е вистина, остануваат само индиции, вели Таравари.
Коментирајќи ја изјавата на првиот вицепремиер Меџити дека има мала група на луѓе со валкани пари, Мицкоски вели дека таква група постои, а има дури и високи функционери од претходните влади. Целта, според него, е поттикнување меѓуетнички тензии.
На денот на одбележувањето на 23-годишнината од Охридскиот договор, Европскиот фронт предводен од ДУИ излезе со платформа за преземање правни и политички мерки. Овие мерки, како што рекоа, ќе бидат во насока на заштита на легитимитетот на Албанците. Од ЕФ најавија дека од есен ќе излезат на терен на средби со граѓаните.
