Има ли државата пари за сите?! – Владина помош за компании кои ќе инвестираат во време на Ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

778 компании побарале финансиска помош од државата. 20 милиони евра, владата ќе одвои за помош  на сите деловни субјекти од преработувачката индустрија, трговијата и ИТ секторот кои ќе направат инвестиција во текот на 2020 година. Помошта е значајна вели претседателот на работодавачите Ангел Димитров , но изрази сомнеж, дека голем број на компании не можат да дојдат до неа  поради бирократските процедури. Како пример, Димитров  го наведува неговото лично искуство.

„Мојата компанија инвестираше сега за време на Корона но првото авансно плаќање го направи пред да се објави огласот…  Автоматски разговарав со министерот за економија. Не можам да конкурирам затоа што прво треба да се направи планот , да се одобри планот од министерство, па дури тогаш да се набават машините“, посочи Ангел Димитров.

Димитров ја отфрла можноста од  малверзации. Ова според него,  упатува на фактот, дека Владата и Министерството за економија немаат доволно средства .

„Кога се работи за помош од државата секогаш сум да таа биде фер и еднаква за сите. Да не биде тоа конкуренција кој дошол прв услужен, туку да се види колку државата располага со средства“, вели Ангел Димитров.  

Владата во иднина да има подеднакви критериуми за сите компании, апелира извршниот директор Дрилон Исени

„Дали некои од критериумите беа исклучувачки –можеби, во иднина треба да се ревидираат со цел да бидат опфатени повеќе компании.. Дали има повеќе пари, тоа не знам. Ама дали се потребни повеќе пари, дефинитвно –да, бидејќи многу компании особено микро и малите компании кои немаа простор да аплицираат се на работ на егзистенција“, посочи Дрилон Исени.

Инаку висината на финансиската поддршка изнесува 25 проценти од реализираната инвестиција на една компанија. Но не повеќе од 40.000 евра за компаниите кои во 2019 година оствариле  вкупен приход не поголем од еден милион евра. За компании кои имале вкупен приход од еден до десет милиони евра  помошта нема да биде  поголема од  100.000 евра. Помош  до 140.000 евра ќе следи за компании кои оствариле вкупен приход од 10 до 50 милиони евра. А 200.000 евра за сите компании кои оствариле вкупен приход повеќе од 50 милиони евра во 2019 година, известуваат од Министерството за економија. Компанијата која ќе добие финансиска поддршка има обврска до 31 јануари 2021 година да достави извештај за  реализацијата на инвестицискиот план со докази. Доколку компанијата  не успее да ја заврши инвестицијата или не успее да ја докаже минимум 80 отсто од вредноста на инвестицијата треба да ги врати средствата во Буџетот не подоцна од 01 март 2022 година. 

Јавниот повик кој траеше до крајот на јули беше дел од третиот сет економски мерки.