Бетонска ограда е поставена блиску до тротоарот на булеварот „Македонско-косовска бригада“ во населбата Фуше Топхане, Скопје. Бетонскиот ѕид претставува гранична линија до каде Балканскиот универзитет ја оградил парцелата и започнал со градежните работи.
На прашањето што планираат да изградат, дали таа парцела е во сопственост на Универзитетот и дали имаат добиено дозвола за градење и оградување со бетонски ѕид, од Балканскиот универзитет одговорија:
- Нашиот универзитет е сопственик на споменатата парцела и поседува целосна документација. На таа парцела, покрај зелената зона/шеталиштето, е предвидено да се изгради и отворен амфитеатар, паркинг за студентите, како и кантинa. Секако, поседуваме дозвола од општина Чаир за реализираната ограда. Шпекулациите дека ќе се гради некој груб објект се ништо друго освен гласини.
Но, дали сите овие градби се предвидени во деталниот урбанистички план и дали Универзитетот добил дозвола од општина Чаир?
- Балканскиот универзитет побара и доби дозвола за оградување, но не е прецизирано каков тип на ограда. На таа парцела, според урбанистичкиот план, е предвидено да има колективен станбен објект. Општина Чаир не може да преземе никакви мерки додека во таа зона нема градежни активности.
Делот што е ограден и се подготвува за градежни активности е поделен на две парцели. Поголемиот дел, односно парцелата која во катастарот е регистрирана со број 4744/2, е во сопственост на Универзитетот, но постои и една друга парцела поблиску до патот, со број 4744/1, која според Катастарот е во државна сопственост. Освен парцелата што е оградена, и делот каде сега се наоѓа бариерата, порано се сметало дека бил јавен пат. За овој пат, од општина Чаир ни рекоа да се обратиме до Град Скопје. Од таму, пак, ни посочија дека надлежностите повторно ги префрлаат на општина Чаир, бидејќи, како што велат, станува збор за секундарен пат. И за патот и за оградената земја, надлежна е општина Чаир, велат од Град Скопје.
