Инфектологија без греење, пациентите “смрзнуваат“ – директорката вели дека се топлат со ќебиња

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пациенти со Ковид 19 кои се хоспитализирани на клиниката за Инфектологија во Скопје, немаат парно греење. Роднина на еден од пациентите од оваа клиника, за тВ21 вели дека татко и е 70 годишен, позитивен на Ковид 19 и пневмонија, се жали дека му е многу ладно во собата. Таа вели дека не им е дозволено да им донесат алтернативно греење.

„Ми се јави и ми рече, смрзнав. Тие луѓе цел ден лежат, како цел ден да сте во подрум, и да сте здрави ќе се разболите. Нема греење, не било воопшто пуштено и се забележува бидејќи и лекарите се со дебели блузи. Прашавме потоа, има клими, зошто не ги пуштите, ни рекоа дека  ги нема далечинските за да се штеди струја и потоа прашавме да донесеме алтернативно греење и ни рекоа дека може доколку одобри директорката на болницата“, вели за ТВ21 роднина на пациент.

Според информациите на ТВ21, парното греење на Инфективна воопшто не е пуштено од почетокот на грејната сезона. Ја контактиравме директорката на оваа клиника, Милена Стевановиќ. Таа призна дека има проблеми со греењето, но според неа овој проблем е вообичаен.

„Имаше проблеми, ова често се случува на почеток на грејната сезона, но се санира и попладне ќе има се што е потребно на клиниката. Дали е вистина дека веќе една недела нема греење? Го пуштивме, но потоа го запревме поради дефект, денеска го санираме“, изјави директорката на инфективната клиника, Милена Стевановиќ.

Ја прашавме зошто нема алтернативно греење, а директорката Стевановиќ рече дека пациентите се затоплувале со повеќе ќебиња.

„Немаше потреба од алтернативно греење, донесовме повеќе ќебиња. Сега имаме малку пациенти, околу 26“, вели Стевановиќ.

Прашавме и во МЗ како е можно пациенти во тешка здравствена состојба заразени со Ковид 19 да бидат оставени на ладно, но од таму не добивме одговор.