Инфлацијата повторно забрза, годишната инфлација во октомври е 4,5%, но помала од септември за 0,2%

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Забрза годишната инфлација. Во октомври таа е за 4,5 насто повисока од истиот месец лани. Ако се споредат десетте месеци од годинава со истиот период лани, инфлацијата е 4,1 отсто. Голем раст има кај цените на храната и тоа за седум насто. За премиерот Христијан Мицкоски ова е очекувано и денеска тој ја коригираше прогнозата за инфлацијата за 2025 и ја доближи до проценката на Народната банка која изнесува 3,9 отсто.

Со ребалансот на буџетот за 2025 година, Министерството за финансии оцени дека инфлацијата оваа година ќе биде 2,8 отсто.

„Вчера кажав, поради ниското ниво минатата година во октомври месец, тогаш се сеќавате ги аплициравме тие мерки за замрзнување на маржите и слично. Но, потоа очекувам пристојно намалување во ноември, во декември, така што просечната годишна стапка оваа година ќе заврши меѓу 3,5 – 4%, што е едно од најниските во Европа и во регионов. Истовремено, очекувам дека следната година нивото на инфлација ќе се движи меѓу 2 – 3%.“, изјави Мицкоски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, лани во октомври годишната инфлација беше 3,5 отсто, а во првите десет месеци 3,3 отсто.

Според податоците пак на Еуростат, Романија овој октомври има повисока инфлација, додека поголемиот кај дел од другите европски држави се движи од 4,5 отсто па надолу. Има доста земји кои имаат инфлација под 2 отсто, а има и држави како Кипар, Малта и Ирска каде порастот на цените е околу нула.

За економистот Абил Бауш, не е за изненадување тоа што кај нас забрзува инфлацијата. Тоа се должи на повисоките цени на храната, енергенсите и услугите. Дополнително, ние се уште имаме внатрешни притисоци кои ја подгреваат инфлацијата, односно на нејзиниот раст влијае очекувањето за повисоки плати во државава и недоволната продуктивност. Проблем е и структурата на буџетот.

„Со новиот буџет имаме пак покачување на платите, тие социјални трансфери и тоа е оно што го забрзува тој инфлационен ефект. Иако, на пример, владата најавува мерки, тие се претежно пак краткорочни мерки и не решаваат суштински проблеми, на пример, не прават некоја трансформација на тој буџетски модел за да може ние да имаме поголемо производство и таа слаба конкуренција да може да ја направиме конкуренција на нашите производи надвор на пазар.“, изјави Абил Бауш.

Бауш вели дека се потребни итни структурни реформи во даночната и макроеконосмките политики, односно да се зголеми производството на храна и на енергија, но и да се има поголема фискална и даночна дисциплина како и сузбивање на сивата економија. Се додека не се направи ова, инфлацијата ќе биде отпорна и тешко ќе се намалува.
Премиерот Мицкоски вели дека во моментов има активни економски и контролни мерки кои треба да влијаат на стабилизирањето на цените. Мицкоски повеќе пати најави дека нема да има замрзнување на цени и на маржи, бидејќи тоа е контрапродуктивно.