Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на се уште актуелниот Претседател Христијан Мицкоски.
„Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка“, се вели во соопштението на иницијаторите за промени.
Од таму додаваат дека делегатите сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.
„Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин. Иницијативниот одбор одлучи да го закаже 17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28-ми Март во Скопје. Во наредните денови, Иницијативниот одбор ќе ги формира телата за спроведување на конгрсот, ќе го промовира слоганот и ќе отпочне со дистрибуција на покани и материјали за делегатите“, посочуваат од Иницијативниот одбор.
Една од приоритетните точки на дискусија ќе биде отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател и гласање на доверба.
„Ниту времињата се редовни, ниту ситуацијата во која се наоѓа партијата и државата се редовни, така што неминовно се наметнува потребата од вонреден конгрес. ВМРО-ДПМНЕ со се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски е руинирана до непрепознатливост. Тој нема поддршка ниту од членството, а уште помалку од неутралната јавност. Доколку Мицкоски и мисли добро на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на Вонреден 17-ти Конгрес. Доколку смета дека направил барем една добра работа за партијата и државата во овие три години, ќе излезе и ќе ја побара поддршката од делегатите на вонредниот конгрес. Само на тој начин партијата ќе влезе обединета и со нова енергија на локалните избори на есен. Секој обид да се избегне отчетот пред делегатите кои го избрале е мајтапење со членството и купување на време за лично богатење на грбот на партијата“, велат од Иницијативниот одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.