Инстант плаќањата одблокирани – НБМ ќе го потпише писмото на намера и системот ќе биде оперативен од наредната година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По застојот и непотпишувањето на меморандумот во Рим, процесот на приклучување на Македонија кон европскиот систем за инстант плаќања е одблокиран. Гувернерот Трајко Славески најави дека ќе го потпише писмото на намера со Банката на Италија која е оператор на клонот на TIPS на Европската централна банка, со што влегуваме во групата земји од Западен Балкан кои што се подготвуваат системот да биде оперативен од наредната година.

„Со самото стапување на функцијата разбрав што е предноста на овој систем, Ги направивме потребните консултации на највисоко ниво и ја известивме Банката на Италија дека ние сме целосно подготвени да влеземе во тој процес. Еве, за ваша информација, за време на годишните средби на ММФ и Светска банка, кои што започнуваат на 15. следниот месец, октомври, на 15. октомври, по американско време во Вашингтон, во 11. часот, јас како гувернер на Народна банка ќе го потпишам писмото на намери.“, вели Трајко Славески.

Ова инстант плаќање, кое претставува последна фаза од пристапувањето во СЕПА е исклучително значајно за граѓаните и за фирмите во државава. Ова значи дека во текот на сите 24 часа и тоа седум дена во неделата, граѓаните и фирмите ќе можат електронски да префрлаат пари од својата сметка на сметки на други физички и правни лица, во реално време и тоа без разлика во која банка се сметките или во која држава од Западен Балкан или ЕУ. Трансферите на пари би биле со минимални трошоци. Едноставно, стануваме дел од системот на електронско плаќање на Европската унија.   

Што значи TIPS – инстант плаќање?

•            24/7 порамнување

•            плаќање во неколку секунди

•            нема затворање на платниот систем во 14 – 15 часот.

•            домашни и прекугранични платежни трансфери по правила на ЕУ

•            Србија има сопствен систем и не е во овој процес

•            останатите земји од Западен Балкан ќе се приклучат.

„Ова е уште еден чекор до интеграција во системите на плаќање од Европската унија што ќе биде од полза за македонските граѓани и за македонските претпријатија.“, додаде Славески.

Се проценува дека поради огромното намалување на трошоците за овие банкарски трансакции и нивната брзина и обемот, заштедите на фирмите и на граѓаните кои живеат во државите од Западен Балкан на годишно ниво би стотина милиони евра.