Во Владата денеска се одржа меѓуресорска координација на институциите вклучени во иницијативите и проектите што произлегуваат од иницијативата „Отворен Балкан“.
Националните координатори Марјан Забрчанец и Нола Исмајлоска и советникот на премиерот за надворешна политика Едмонд Адеми ги запознале државните секретари и одговорните службеници од ресорните министерства и директорите на релевантните државни агенции со сите актуелни и планирани домашни и меѓународни процеси кои произлегуваат од трилатералната соработка меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, а учесниците на средбата презентирале осврт на сработеното и на остварените резултати досега.
– Евидентен е напредокот во спроведувањето на договорот во областа на царинските олеснувања за граѓаните и фирмите во земјоделството, ветеринарството и безбедноста на храната, а во месеците пред нас следува и унапредување и олеснување на меѓуграничниот проток за граѓаните, возилата и камионите, а очекувани се конкретни резултати кои водат кон даночни усогласувања и олеснувања меѓу трите држави, како и на намалување или отстранување на таксите и трошоците при меѓународниот проток на услуги, луѓе, добра или информации, информира Владата.
На работната средба, како што се наведува во соопштението, започнале и меѓуресорските соработки во областите туризам, култура и млади меѓу институциите од македонска страна, со цел Северна Македонија да даде сериозен придонес кон „Отворен Балкан“ во делот на воспоставување контакти, познанствата, размени и заеднички иницијативи меѓу граѓаните и особено меѓу младите од регионот, преку организација на настани, туристички понуди, спортски турнири, културни случувања, научно-истражувачки хабови итн.
Денешната средба била искористена и за меѓусебна координација на институциите во пресрет на следниот лидерски самит на „Отворен Балкан“ што пролетва ќе се одржи во Северна Македонија.
