До Кабинетот на собранискиот спикер, Талат Џафери пристигна интерпелацијата која против него ја покрена пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Од Собранието не прецизираат кога ќе се одржи расправата по интерпелацијата, додавајќи дека претседателот на законодавниот дом ќе постапи согласни роковите на Деловникот.
-Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците. Ако одговорот не се поднесе во рокот утврден во членот 46 на овој Деловник, интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието. (Член 47) Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот, велат од Собрание.
ВМРО-ДПМНЕ очекува во најскор можен рок интерпелацијата да се најде на пленарна седница. Бојан Стојановски од партијата, уште еднаш ги повика пратениците од парламентарното мнозинство да гласаат против Џафери.
Од СДСМ велат дека нема да гласаат за разрешување на собранискиот спикер, а опозициските партии се на став дека Џафери не треба да биде на чело на законодавниот дом поради последните скандали со аудио-снимката.
