Интервју на Метју Палмер за ТВ21 – „Северна Македонија направи сè што ЕУ бараше од неа“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сакаме да го видиме целиот регион во ЕУ, но временската рамка за исполнување на такво нешто, ја контролираат самите држави, порача специјалниот претставник на САД за Балканот, Метју Палмер во интервју за ТВ21.

Според Палмер, државите мора да ги исполнат критериумите, но за Северна Македонија и Албанија  порача дека е многу важно ЕУ да ги исполни своите обврски кон нив. Идеална временска рамка за ова, вели тој, се наредните неколку месеци.

„Северна Македонија стори се’ што ЕУ побара од неа. Заслужија да ги отпочнат пристапните преговори со ЕУ. Заслужија прва меѓувладина конференција. ЕУ треба да најде начин да го овозможи тоа, да го отвори патот и да ја почне меѓувладината конференција. Ние очекуваме дека ЕУ ќе го сфати ова сериозно и ќе постапи соодветно“, истакна Метју Палмер.

Договорот од Преспа, вели Палмер, е добар пример за решавање на билатерални спорови. Лидерите од Балканот треба да преземат одговорност и храброст за решавање на прашањата, но и во исто време да ги заштитат интересите на своите граѓани.

„Преку Преспанскиот договор видовме лидерство во Скопје и лидерство во Атина. Беа подготвени да ризикуваат, да дискутираат за тешките проблеми, да го воочат неопходниот компромис, да постигнат компромис и да го одбранат пред својот народ. Тоа е значајно за Косово и Србија, за разговорите кои се водат во Босна и Херцеговина. Лидерството и лидерите се важни и на Балканот и во сите конфликтни ситуации“, додава Метју Палмер.

А дали, очекува големи промени во следните разговори помеѓу Косово и Србија и помеѓу Бугарија и Македонија, Палмер со одговор.

„Сѐ зависи од засегнатите страни. Ние сакаме да ги поттикнеме да го препознаат потребниот компромис за напредок и да разберат дека тоа е во нивен најдобар интерес. Убеден сум дека ќе се постигне решение помеѓу Софија и Скопје во врска со прашањата кои го блокираат напредокот на Северна Македонија кон членство во ЕУ. Убеден сум дека може да се решат тие прашања. ЕУ мора да изнајде начин да ја покаже својата посветеност кон овие држави, да им го отвори патот и да ги отпочне меѓувладините конференции. Тоа е обврска на ЕУ и мора да ја исполни“, додаде Метју Палмер.

Палмер вели дека визијата за иднината на САД е идентична со онаа на земјите од Балканот, а тоа е целосна интеграција во Европската унија.Тоа значи, вели Палмер, членство во ЕУ за сите земји од Западен Балкан, членство во НАТО за сите земји со такви аспирации.