Невреме со град и поројни дождови ја погоди Словенија, поплавени патишта и прекини во снабдувањето со струја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Силно невреме проследено со град, обилни врнежи и силен ветер ја зафати северна Словенија, при што најпогоден беше регионот Корошка. Поројните дождови предизвикаа поплави на повеќе патишта, а на неколку места беа пријавени материјални штети и прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Словенечката Агенција за животна средина (АРСО) издаде портокалово предупредување за речиси целата земја, освен за југозападниот дел, а Владата ги повика граѓаните да бидат внимателни, да престојуваат во затворени простории и редовно да ги следат метеоролошките известувања.

Во Корошка, град со големина на орев предизвика значителни штети во местата Равне на Корошкем, Котеље, Словењ Градец и долината Меžица. Според локалните медиуми, најсилните невремиња биле локализирани, но оставиле сериозни последици на погодените подрачја.

Пожарникарите интервенирале на повеќе локации поради поплавени подруми, излевање на потоци и затнати одводи. Во Преваље испумпувале вода од станбен објект, додека во Подгорје кај Словењ Градец со навремена интервенција спречиле дополнително излевање на водата. Во Дравоград, надојден поток се излеал на патот и се заканил на станбена куќа, по што биле поставени заштитни бариери.

На метеоролошката станица во Меžица за нешто повеќе од еден час биле измерени дури 47 милиметри дожд.

Невремето предизвика проблеми и во североисточниот дел на земјата, особено во Помурје, каде што службите регистрирале најмалку 33 интервенции. Силен ветер уриваше дрвја, а повеќе патишта во Прекмурје останаа непроодни. Неколку населени места во Штаерска останаа без електрична енергија.

Метеоролозите предупредуваат дека локални грмежливи невремиња се можни и во текот на утрешниот ден.

Во меѓувреме, хрватската Државна хидрометеоролошка служба издаде портокалово предупредување за загрепскиот регион поради опасност од силни грмежи, додека за источниот дел на земјата е активен жолт метеоаларм. За утре предупредувања се издадени и за регионите Загреб, Осиек, Карловац и Риека.

И покрај нестабилното време, синоптичарите најавуваат дека значително разладување сè уште нема да има. Високите температури и спарното време ќе продолжат до крајот на неделата, кога се очекува студен фронт да донесе посвежо време и постепено стабилизирање на временските услови.