Инженери: Владата ги озаконува паушални сметки за струја – со 10% грешка при проценка можна е разлика од 8.000 денари годишно

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата преку измените на законот за енергетика озаконува паушални сметки за струја, алармираат од здружението Инженери. Бараат да се отстранат контроверзните одредби и домаќинствата да плаќаат струја толку колку што ќе потрошат. Велат граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од милионски суми евра.

„Домаќинствата имаат прескокнувања од еден блок во друг блок при паушално предвидување и при реално отчитување на броилата и тогаш се случува да им се наплаќаат повисоки сметки кои што во услови на летен период не можат да ги приметат дека се високи, меѓутоа во зимскиот приметуваат и најчесто даваат приговори и само тие што даваат приговори можат да бидат обештетени од Регулаторната комисија и од ЕВН, меѓутоа поголем број на граѓани не ни знаат дека имаат такви случувања во сметките“, вели Дениз Мустафаоглу од ИНРМ.

За Инженерите е загрижувачки тоа што оваа одредба се најде во предложените законски измени иако после средбата која ја имаа со Регулаторна, Комисијата преку сет мерки се обидува да го реши проблемот со паушалните пресметки.

Од Министерството за енергетика за ТВ 21 велат ги следат сите реакции.

„Сите сугестии, вклучително и оние од стручната фела, ќе бидат разгледани во текот на законската процедура.“, велат од Министерството за енергетика.

Пресметките на Инженерите покажуваат дека дури и само 10% грешка при проценката на потрошувачката може да предизвика разлика во наплатата до 8.000 денари годишно по домаќинство. Велат тоа претставува сериозен удар врз џебот на граѓаните и можност за милионски профити на штета на јавниот интерес. Потенцираат дека законот се носи со европско знаменце, а ЕУ директивата на која се повикува Владата никаде не предвидува дозвола за фактурирање со претпоставена потрошувачка.

Инаку проблемот со паушалните сметки ескалираше во зимските месеци кога многу граѓани се пожалија до Регулаторна дека сметките за струја им се речиси дуплирани.