Иран разгледува предложен договор со САД за запирање на војната, објавија иранските медиуми во вторникот, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите за постигнување договор продолжуваат.
Повеќе од три месеци откако САД и Израел започнаа напади врз Иран, конфликтот влезе во ќор-сокак, додека обидите за постигнување привремен договор засега не донеле конечен резултат, оставајќи го Ормускиот Теснец во голема мера затворен.
Иран сè уште не одговорил на предложениот конечен текст на привремениот договор и зазема „строг“ пристап поради, како што смета, историјата на американско непочитување на обврските и долгогодишната недоверба, пренесе агенцијата „Мехр“, повикувајќи се на извор.
Трамп во понеделникот изјави дека преговорите со Иран продолжуваат и дека во текот на следната недела би можел да биде постигнат договор за продолжување на примирјето договорено на почетокот на април и за повторно отворање на Ормускиот Теснец.
Од средината на март, Трамп повеќепати тврдеше дека е блиску до потпишување мировен договор, иако таквиот договор би ги одложил чувствителните прашања, меѓу кои и иднината на иранската нуклеарна програма. Иако примирјето во најголем дел се почитува од почетокот на април, Иран и САД во изминатата недела неколкупати разменија напади.
Цените на нафтата во вторникот паднаа за повеќе од еден процент, намалувајќи дел од претходните добивки. Висок претставник на Меѓународната агенција за енергија предупреди дека глобалните резерви на нафта би можеле да достигнат историски ниско ниво.
Израел продолжува со нападите во Либан
Војната што започна на 28 февруари однесе илјадници животи, главно во Иран и Либан. Конфликтот предизвика и сериозни економски последици на глобално ниво поради растот на цените на енергенсите, откако Иран практично го затвори Ормускиот Теснец, преку кој претходно се транспортираше околу една петтина од светските испораки на нафта и течен природен гас.
Конфликтот доведе и до нова ескалација меѓу Израел и либанското движење Хезболах, при што Израел ја спроведе најдлабоката воена операција на либанска територија во последните 25 години.
Во вторникот Израел продолжи со напади врз повеќе населени места во јужен Либан, соопштија либански безбедносни извори, еден ден откако американското посредување помогна да се избегне непосредна ескалација.
Делумното примирје што го објави Либан во понеделникот предвидува Израел да се воздржи од напади врз Бејрут и јужните предградија под контрола на Хезболах, додека движењето ќе ги запре нападите врз Израел.
Сепак, оваа најава не ги увери многуте раселени лица во Либан. Според податоците, околу 1,2 милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови.
„Секојпат кога ќе се вратиме дома, добиваме ново предупредување повторно да се иселиме“, изјави Фатен Ал Шехиме, која побегнала во камп за раселени лица од својот дом во јужните предградија на Бејрут.
Либан најави дека ќе се обиде да го прошири примирјето во разговорите со Израел што треба да се одржат во Вашингтон во среда.
Иран бара ограничен договор
Според ирански извори, Техеран се залага за ограничен привремен договор со цел да го намали економскиот притисок, а притоа да избегне значителни отстапки околу својата нуклеарна програма.
Како дел од евентуалниот договор, Иран бара прекин на непријателствата на сите фронтови, вклучително и во Либан, пристап до милијарди долари приходи од нафта, олеснувања за извозот на сурова нафта, укинување на американската блокада на неговите пристаништа и задржување на влијанието врз Ормускиот Теснец.
Во меѓувреме, Трамп е под притисок повторно да го отвори теснецот и да ги намали цените на горивата во САД, без притоа да прави големи отстапки кон Иран.
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека во последните 24 часа низ Ормускиот Теснец поминале 24 бродови со одобрение од нејзината морнарица.
Во понеделникот Иран се закани дека би можел да ја прошири блокадата и на теснецот Баб ел Мандеб, уште една клучна поморска рута на влезот во Црвеното Море, доколку Израел ги обнови нападите врз Бејрут.
Дополнително, најголемата светска бродска компанија MSC соопшти дека еден од нејзините бродови бил погоден од два проектили додека се наоѓал во пристаништето Ум Каср во Ирак. Одговорноста за нападот ја презеде Иранската револуционерна гарда, наведувајќи дека станува збор за одмазда за претходен американски напад врз ирански брод во Оманскиот Залив.
