Иран продолжува да биде речиси целосно изолиран од глобалниот интернет, додека ограничувањата воведени од властите влегоа во 11-та недела. Според организацијата за мониторинг NetBlocks, милиони ирански граѓани и понатаму немаат слободен пристап до интернет и се соочуваат со она што се опишува како „информативен мрак“.
Се наведува дека поголемиот дел од 90-милионското население има пристап само до платформи и услуги контролирани од државата, додека меѓународните мрежи и интернет-страници остануваат блокирани. НетБлокс предупреди дека цензурата создава сериозни пречки за комуникацијата, информирањето и секојдневниот живот на граѓаните.
Сепак, за разлика од граѓаните, иранските функционери и државните медиуми продолжуваат слободно да го користат глобалниот интернет и социјалните мрежи. Според извештаите, тие редовно објавуваат содржини на Telegram и платформата X, иако овие мрежи остануваат забранети за поголемиот дел од населението.
Многу Иранци избегнуваат да ги користат и апликациите одобрени од државата, поради страв од надзор и контрола од властите. Во меѓувреме, земјата веќе околу 70 дена функционира со многу ограничен пристап до меѓународниот интернет, што дополнително ја продлабочува дигиталната изолација на граѓаните.
