Муцунски бара консензус за европските реформи, Филипче обвинува за блокирање на интеграцијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Членството во Европската Унија останува стратешка цел на државата и еден од главните столбови на надворешната политика на Македонија, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Според него европската интеграција бара сериозност, одговорност и национален консензус околу најважните државни прашања.

Шефот на дипломатијата упати апел до опозицијата за постигнување консензус во Собранието околу реформската агенда, конкретно за Изборниот законик и реформите во правосудството, со цел државата да може да ги искористи средствата од европските фондови.

„Затоа денес сакам да упатам јасен повик до опозицијата – да ја оставиме дневната политика на страна кога станува збор за европската иднина и да покажеме зрелост и конструктивност околу реформите што се клучни за државата, особено реформите што се директно поврзани со европската агенда и Планот за раст – пред сè Изборниот законик и законите за правосудството“, рече Муцунски.

На повикот на Муцунски одговори лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој ја обвини власта дека само декларативно го поддржува европскиот интегративен процес, додека во пракса не ги придвижува клучните реформи.

Според Филипче, вистинските реформи за ЕУ се уставните измени, почетокот на преговорите и отворањето на поглавјата со Европската Унија.

-Тој бара реформи за Европа, не сака Тимчо Муцунски реформи за Европа. Ниту Христијан, ниту бандата. Реформите се викаат уставни измени и почеток на преговорите, отворање на поглавјата. Тоа е вистинскиот пат напред, да не ни фрлаат прашина во очи, да не нè лажат. И ако не сакаат, нека си заминат, затоа што ќе одговараат. И Тимчо и сите“, рече Филипче.

Од друга страна, Муцунски нагласи дека станува збор за реформи што директно влијаат врз кредибилитетот на државата, владеењето на правото и способноста на државата да ги искористи можностите што ги отвора Европската Унија, предупредувајќи дека секое блокирање, одолговлекување или политизирање на овие процеси претставува удар врз европската перспектива на државата.