Никој не може да му избега на системот „Сејф сити“ доколку се движи по патиштата во Македонија каде што се поставени камери за мерење на брзината, без разлика дали станува збор за возило со македонски или со странски регистарски таблички, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„За сите што поминуваат низ Коридорите 8 и 10 во Македонија, камерите на системот „Безбеден град“ се во функција и од јануари годинава ги евидентираат сите сообраќајни прекршоци. Регистрирана е секоја повреда на сообраќајните правила, без разлика дали станува збор за мотоцикл или автомобил со домашни или странски регистарски таблички.“, порача Панче Тошковски.
Министерот истакна дека нема да има исклучоци и дека секој што ќе ги прекрши законите додека се движи низ Македонија ќе биде санкциониран, без оглед од која држава доаѓа.
„Апелирам до сите што управуваат возила со странски регистарски таблички да знаат дека прекршувањето на сообраќајните правила ќе биде евидентирано и соодветните казни ќе им бидат доставени на оние што го прекршиле законот.“, вели Панче Тошковски.
Овие изјави Тошковски ги даде за време на средбата со претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Горан Ангеловски. Денеска, на граничниот премин Табановце, заедно со министерот за внатрешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ, и вршителот на должност директор на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Србија, Бранко Стаматовиќ, официјално го означија почетокот на првата заедничка превентивна акција „Возете одморени“.
