Работите на улицата „Страшо Пинџур“ траеја само еден ден. Тие денеска беа прекинати со одлука на градоначалникот на Тетово. Според него, прво треба да се договорат претставниците од листата „Подобро за Тетово“, а потоа да се започне со работа. Паралелно со работите стопирано е и сечењето дрвја, што предизвика недоразбирање меѓу советниците и градоначалникот“.
Работата почна вчера, по 6-месечно чекање, откако беше уништен асфалтот.
„Од денеска работите кои започнаа вчера ќе бидат во прекин поради реакциите и несогласувањата од страна на советниците на „Подобро за Тетово“. Општината ќе чека појаснување од советниците од листата „Подобро за Тетово“, во врска со нивните реакции и нивниот предлог за да се продолжи со работа“, вели градоначалникот на Тетово Биљал Касами.
Општинските советници од листата „Подобро за Тетово“ велат дека тие не одлучуваат кога да почнат или прекинат со работа, но потсетуваат дека новото раководство на Општината ветило чиста животна средина, транспарентност и отчетност.
„Листата „Подобро за Тетово“ и нејзините советници немаат никаква извршна функција во Општина Тетово, па затоа немаат механизми да ги стопираат или продолжат работите во градот“, велат од „Подобро за Тетово“
Според граѓаните, општината и советниците треба да ги решаваат проблемите во општината, а не на улица.
„Тие прекинаа со работа бидејќи политичките партии во Тетово играат пинг-понг со нас граѓаните и бизнисмените. Верувам дека општината нема пари, но би апелирал до Биљал да упати повик или до советот, бидејќи сега е Рамазан, можеме да собереме пари садакатул фитр и зекат – тие што не постат можат да го платат Рамазан за се изгради оваа улица која поврзува 150 илјади жители на Тетово- Глобочица. Што е проблемот меѓу Хамди Сулејамани и Биљал. Нека се договорат во општината, а не на улица да прават циркус, велат граѓаните.
Дефинитивно мора да почнат работите бидејќи ова е главниот пат кој го поврзува Косово, не е виновен градоначалникот, тие ги одолговлекоа работите. Три дена пред избори Теута ги уништи улиците, не е фер. Не сум со ниту една политичка партија, но срамота е за нашиот град, ситуацијата да дојде до тука, дуќанџиите едвај чекаат некој празник.
Сечењето на дрвјата на оваа улица предизвика расправија меѓу советниците од листата „Подобро за Тетово“ и градоначалникот Биљал Касами , во моментот кога Касами вршеше увид во активностите. Според советниците, дрвјата не ја попречуваат реализацијата на работите, но Касами увери дека ќе бидат засадени нови садници.
