„Искористете го моментумот“ – Рокас: Собранието да забрза со уставните измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Искористете го моментот, им порача евроамбасадорот Михалис Рокас на пратениците во Комисијата за европски прашања. Според него, постои волја во Брисел за отворање на поглавјата со Македонија. Рокас оцени дека поради политичка поларизација минатиот собраниски состав не успеал да ги усвои уставните измени.

„Новиот собраниски состав треба да ја забрза својата работа и да продолжи со реформите коишто се неопходни за процесот на евроинтеграција на државата, вклучително и уставните измени“, изјави шефот на мисијата на ЕУ, Михалис Рокас.

Сепак, според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски консензус за членство во Унијата кај партиите има, но тие се разликуваат по патот како да се стигне дотаму.

„Уставните измени не би требало да се прават ако земјата не е сигурна дека таквото менаџирање на тој процес ќе ја донесе до посакуваната цел за којашто имаме политички консензус, а тоа е членството во Европската Унија“, изјави Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски истакна дека за ова прашање е потребно да се започне дијалог и му реплицираше на евроамбасадорот Роакс дека нема волја кај сите земји-членки за процесот на проширување. Дел од европратениците пак, што членуваат во Мешовитиот комитет со Македонија, се надеваат на исчекор со новата бугарска Влада.

„Навистина се надевам дека од новоформираната Влада во Софија ќе имате барем малку бенефит за чекор во вистинскиот правец“, изјави Карло Леслер, европратеник.

Претходно, новите бугарски власти нагласија дека тие ќе поддржат проширување на Унијата само врз основа на веќе договореното.