Кандидатката за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, најавува организациски промени и рационализација на предметите доколку биде избрана на функцијата. Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, таа истакна дека обвинителите се преоптоварени со административни процедури и предмети кои одземаат значително време, а не придонесуваат доволно во борбата против криминалот.
Одговарајќи на прашањето кои би биле нејзините први чекори во првите 100 дена од мандатот, Хаџи Василева посочи дека најголем акцент би ставила на поефикасно користење на ресурсите и утврдување приоритети во постапувањето.
„Би се зафатила најмногу и суштински со предметите, во смисла на рационализација на предметите. Ние навистина некогаш во праксата сме премногу оптоварени со работи кои не се толку значајни и не прават разлика во она што значи борба со криминалитетот, јавна доверба и ефикасен кривичен прогон“, изјави Хаџи Василева.
Таа објасни дека голем број предмети минуваат низ сложени бирократски процедури, а обвинителите трошат значителен дел од времето на формално одлучување, наместо на активен кривичен прогон.
„Нашата главна и примарна улога е да гониме криминал, не и да се занимаваме со она што значи отфрлање на криминал повеќе отколку прогонот“, нагласи таа.
Хаџи Василева појасни дека тоа не значи оти одредени кривични пријави треба да бидат занемарени, туку дека е неопходна подобра проценка на нивната основаност и можностите за понатамошно постапување.
Според неа, обвинителството се соочува со огромен прилив на пријави, меѓу кои има и такви за кои уште при првичниот увид е јасно дека нема доволно основа за понатамошно докажување.
„Треба да ги трошиме ресурсите на најможен ефикасен начин за да дојдеме до целите на ефикасен кривичен прогон“, порача Хаџи Василева во „Клик Плус“ на ТВ21.
