Истанбул, Париз, Виена, Прага, Будимпешта и Рим се дестинациите каде Македонците сакаат да ја дочекаат Новата 2026 година. Туристичките агенции се задоволни од интересот, иако годинава аранжманите се за нијанса поскапи од лани. Се нудат автобуски и авионски превоз, а цените на аранжманите зависат од сместувањето до времетраењето на патувањето.
Туристичките агенции што ги контактираше МИА велат дека интерес има за секоја дестинација и дека аранжманите се речиси полни, а оние што патуваат со автобус веќе се тргнати. Аранжманите, како што посочуваат, се малку поскапи од лани, но сепак прилагодени за домашниот џеб.
Агенциите посочуваат дека веќе се заминати автобуси за Виена, Милано, Прага, Истанбул и за Азурен брег, а се реализираат и авионските тури за Истанбул. Понуди од туристичките агенции имало за Србија, Грција, Црна Гора…
ИЗВОР: МИА
