„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ посветено работи на зајакнување на македонската економија преку стабилни и одговорни економски политики, создавање поволна бизнис-клима и континуирано намалување на невработеноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ околи активните мерки за намалување на невработеноста и поддршка на младите.
„Официјалните податоци на Државниот завод за статистика потврдуваат дека овие политики веќе даваат конкретни резултати. Стапката на невработеност е намалена од 12,5% на 11,3%, додека стапката на вработеност е зголемена од 45,6% на 46,5%.
Дополнително, во првиот квартал од 2026 година во Македонија се евидентирани 707.385 вработени лица, наспроти 691.736 вработени лица во второто тримесечје од 2024 година. Ова претставува значителен раст на бројот на вработени и уште една потврда дека мерките на Владата се движат во вистинска насока.
Овие позитивни показатели се резултат на активните политики за поддршка на домашните компании, привлекување нови инвестиции и спроведување мерки насочени кон отворање одржливи и добро платени работни места. Владата останува посветена на создавање услови за економски раст и развој во сите региони на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, возвратија дека намалување на невработеноста е поради тоа што младите си заминуваат од државата и се иселуваат во западните земји.
„Намалувањето на невработеноста што го соопштува Владата на ВМРО-OKГ не е резултат на нови работни места и економски напредок, туку на масовно заминување на младите од земјата и иселување. Истите млади кои сакаат да ги замент за мигранти односно „економски работници“.
Младите не сакаат да останат во држава која нема перспектива.
Тие јасно ја препознаваат политиката на Христијан Мицкоски, криминал, корупција, партизација, нема систем, има блокада на европскиот пат и одржување на земјата во изолација.
Без европска интеграција нема економски просперитет, нема повисоки плати, нема квалитетни работни места и нема иднина. Младите тоа го знаат и затоа заминуваат.
Наместо да ја отвори вратата кон Европа, Мицкоски ја затвора и ја претвора Македонија во слепо црево на Балканот – земја без визија, без перспектива и без доверба“, велат од СДСМ.
