Рокот за спроведување на препораките на УНЕСКО истече, Струга не презеде ништо, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Струга. Според нив, не е изготвен регистарот на дивоградби кои според неофицијални бројки надминува 1000, а продолжува претераната урбанизација, но и узурпацијата на атрактивни локации на брегот на езерото. Платформите во водата не се урнати, а хотелските капацитети на плажите работат цела година.
Полицијата во изминатите месеци поднесе повеќе кривични пријави за узурпирање на езерскиот брег, како и за незаконско поставување урбана опрема на плажите.
И покрај критиките од сите страни, министерката за култура Бисера Стојчевска вели дека е задоволна од работата на локалните институции во земјава за заштита на статусот на УНЕСКО.
Невладините организации постојано апелираат полицијата и инспекциските служби да се обидат да го спречат узурпирањето на брегот на езерото. Од општина Струга велат дека хотелските објекти на плажите имаат договори и плаќаат кирија на општината.
