Европската Унија се фокусира на деблокирање на пристапниот процес на Северна Македонија, со цел земјата да добие јасен патоказ за напредокот кон членство во ЕУ, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, Фон дер Лајен потврди дека следната недела треба да биде направен првиот чекор кон деблокирање на процесот.
„Се договоривме да имаме еден прв чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот и всушност да го претвориме во процес. Тоа е најважниот дел“, изјави Фон дер Лајен.
Таа посочи дека следната недела ќе биде разгледан целиот пристапен процес на Северна Македонија.
Според Фон дер Лајен, иако сè уште има работа, досега постигнатото од земјата е значајно.
Таа објасни дека земјите кои се подлабоко навлезени во пристапниот процес веќе отвораат и затвораат поглавја, што е дел од патоказите за членство.
„Кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија, затоа што веќе интензивно работиме на реформите кои се неопходни“, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека реформите продолжуваат и дека останува уште работа, но оцени дека е значајно тоа што Северна Македонија досега го има постигнато.
