Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека, по совет на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Македонија следната недела ќе побара официјална билатерална средба со Бугарија.
На заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен во Скопје, Мицкоски рече дека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој следната недела ќе престојува во Софија поради активности поврзани со Коридорот 8, ќе побара средба со неговата бугарска колешка.
„Од претседателката добив совет веќе следната недела нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија е во Софија… да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка“, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека со Фон дер Лајен отворено разговарале за предизвиците во односите со Бугарија и нагласи дека земјата сака тие прашања да се решаваат преку дијалог, добра волја и меѓусебно почитување.
Мицкоски рече дека Македонија очекува Европската Унија да биде вклучена во процесот, но без да зазема страна.
„Не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“, изјави тој.
Според Мицкоски, секое решение треба да обезбеди предвидливост и сигурност во процесот на европска интеграција, без простор за нови толкувања или дополнителни услови по исполнувањето на договореното.
Тој додаде дека доколку од Северна Македонија се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш треба да постои и јасна европска перспектива за следните чекори.
„Целта не е одложување на процесот, туку создавање услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа“, порача Мицкоски.
