Граѓаните кои имаат утврден износ за доплата по Годишната даночна пријава за 2025 година имаат уште краток рок за исполнување на обврската. Управата за јавни приходи потсетува дека последниот ден за плаќање на данокот е 30 јуни 2026 година.
Од УЈП информираат дека сите даночни обврзници кај кои во пријавата е прикажан износ за доплата треба навремено да ја извршат уплатата, со цел да избегнат дополнителни трошоци и пресметка на камата.
За граѓаните на кои им е доставено или ќе им биде доставено решение со коригиран износ на данок, рокот за плаќање е 15 дена од денот на приемот на решението.
Плаќањето може да се изврши преку електронските даночни услуги. Граѓаните треба да се најават во својот профил, да ја изберат Годишната даночна пријава за 2025 година, да ја отворат преку опцијата „Преглед“ и преку „Печати“ да го преземат налогот за плаќање.
Од УЈП апелираат граѓаните внимателно да ги внесат податоците при уплатата, особено даночниот идентификациски број, фолио бројот и останатите задолжителни елементи од налогот.
Доколку уплатата ја врши друго лице, потребно е претходно да се направи промена на налогодавачот, во спротивно плаќањето нема да биде правилно евидентирано.
УЈП информира дека за граѓаните кои не можат веднаш да го подмират целиот износ постои можност за одложено плаќање на даночниот долг преку репрограм.
Од институцијата потсетуваат дека навременото исполнување на даночните обврски е законска обврска и ги повикуваат граѓаните навреме да ги регулираат своите задолжувања.
