Истекува рокот за состав на работната група – Иванова од СДСМ, Адеми од ДУИ, Мехмеди од АА, но без опозицијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На последниот ден за номинации за формирање на работната група веќе е познат поголемиот дел од составот на ова тело. ДУИ ќе го претставува координаторот на пратеничката група во Собранието Арбр Адеми, Алијанса за Албанците го номинира Ремзи Мехмеди пратеник од оваа партија кој неодамна дојде на местото на Сурија Рушиди. Од СДСМ претставник ќе биде генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова.

„СДСМ ја номинираше Цветанка Иванова за претставник во работната група за измени на Уставот. СДСМ активно ќе учествува во експертското тело кое го формира Министерството за правда. Тоа е државнички, тоа е одговорно затоа што станува збор за процес од кој зависи членството во ЕУ, како врвен национален и државен интерес“, вели Дарко Каевски.

Од опозицијата единствено своето учество го потврди Беса, но засега се уште нема информации кој е номиниран во работната група.Другите опозициски партии одбија да бидат дел од ова тело. Веќе е познато дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува а во денешното соопштение велат – уставни измени нема да има.

„Уставни измени во овој парламентарен состав нема да има. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ  е дециден и тој нема да се промени. Уставни измени не може да се носат без консензус на македонскиот народ, а консензус нема“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

И од Алтернатива се изјаснија дека нема да учествуваат а тоа го сторија и од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, Социјалистичка партија, како и Левица. И од експертите кои се поканети академик Владо Камбовски одби учество, бара прво консензус од сите политички партии. Се уште своето учество не го потврдила и професорката Рената Дескоска. Деновиве претседателот на државата Стево Пендаровски како член на работната група го предлоќи советникот во Кабинетот и профес ор Александар Спасов. Своето учество како експерти го потврдија Маргарита Цаца Николовска  и професорот Јетон Шасивари. Според Шасивари  идеално би било во овој процес да учествуваат сите партии, но очекува опозицијата да биде конструктивна во собраниската дебата.

„Ситуацијата е таква што еве дел од опозицијата нема да учествува во оваа фаза. Меѓутоа субјектите на парламентарната опозиција се дел од Собранието така што кога ќе се води конечната дебата по овие уставни измени, значи парламентарна дебата, сигурно во рамките на таа парламентарна дебата ќе дадат свој придонес за усвојување на најдобрите решенија“, велат Јетон Шасивари.

Од Министерството за правда велат дека утре ќе излезат со конечниот состав на работната група за уставните измени, бидејќи, како што велат рокот за номинации истекува денеска на полноќ.