Историски чин за Македонската Православна Црква и македонскиот народ, вака се оценува денешната заедничка литургија на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан. Дел од литургијата што ја водеше архиепископот Стефан беше на македонски јазик. Литургијата се служеше во соборниот храм Свети Георгиј Победоносец во Фанар, Истанбул и е прво сослужение во Вселенската патријаршија, по примањето на Охридската архиепископија во канонско единство со останатите православни цркви. На крајот од заедничката литургија патријархот Вартоломеј одржа своја беседа на грчки јазик.
„Веруваме дека овој настан значи потполно разбирање од ваша страна за големината на дарот на мајката црква кон вашиот народ, но и за одговорноста која ја понесувате, влегувајќи од денес во сеправославниот свет. И ние, вашиот заеднички отец и застапник, првиот и последниот помеѓу епископите на Источната света Христова црква, да можеме духовно да се радуваме за вас и за вашите дела“, вели патријархот Вартоломеј.
И архиепископот Господин Господин Стефан по завршувањето на заедничката литургија имаше свое обраќање. Рече дека упорно ќе работат на свое издигнување и ќе ја чекаат радосната објава на Великата црква.
„Ваша Сесветост, Вам ви е добро познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ и тоа не го сокриваме од вас и пред вас и пред членовите на свештената јерархија на вашата Црква и на верниот народ – да ја видиме Охридската архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква.“.
На заедничката литургија присуствуваше и владина делегација на чело со премиерот Димитар Ковачевски. Вселенската патријаршија му оддаде чест на премиерот Ковачевски со тоа што на литургијата го прочита Симболот на верата и молитва, во име на македонскиот народ. Тој потоа имаше и средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј.
„Денес е голем историски ден затоа што после векови Охридската архиепископија сослужува заедно со Вселенската патријаршија. Беше исправена една голема историска неправда и ќе се послужам со зборовите на нашиот архиепископ Господин Господин Стефан што ги кажа на крајот на литургијата дека Охридската древна архиепископија секогаш била рамо до рамо со Вселенската партијаршија“, рече Ковачевски.
За денешниот настан со став излезе и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Силна и интегрирана Црква е прилог кон стабилноста и долговечноста на нашата Македонија. Сме се соочувале со бури и ветришта, но секогаш кога сме биле обединети помеѓу себе, заедно со народот, секогаш кога сме се бореле заедно, сме победувале и сме надминувале се`. Така е и денес кога се извојува важна победа за нашата МПЦ-ОА.“, е ставот на Мицкоски.
Во четвртокот Вселенскиот патријарх Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија во канонско единство со другите цркви, што значи дека се очекува и официјалниот томос.
