Истрага во клиника за вештачко оплодување во Северен Кипар: Најмалку 30 бебиња можеби се од погрешни донатори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најмалку 30 деца можеби биле зачнати со сперма или јајце-клетки од погрешни донатори во клиника за плодност во Северен Кипар, покажува истрагата за случајот, кој најмногу ги засега британските родители.

Според информациите на Би-би-си, родителите избирале донатори врз основа на нивната здравствена историја, физичкиот изглед и личните податоци, но подоцна се појавиле сомнежи дека во процесот на асистирана репродукција биле користени други донатори.

Околу половина од пријавените случаи се поврзани со клиниката „Dogus IVF Center“.

Од вкупно 30 деца за кои постојат сомнежи, 11 досега направиле ДНК-тестови. Резултатите покажале генетско потекло од Турција или од соседните земји, што дополнително ги засилило сомнежите кај родителите дека не биле употребени избраните донатори.

Случајот сега е предмет на официјална истрага на Министерството за здравство на Северен Кипар.

Дополнителна загриженост предизвикува информацијата дека клиниката „Dogus“ уште во 2016 година била ставена на црната листа на меѓународната банка за сперма „Cryos International“.

Родителите сега бараат одговори за тоа како дошло до можна замена на донаторите и дали во текот на процедурите биле прекршени правилата за избор и употреба на донаторски материјал.

Истрагата треба да утврди колку случаи се навистина поврзани со употреба на погрешни донатори, како и како и зошто дошло до пропустите во процесот на ИВФ.