Сè повеќе граѓани се соочуваат со посложени финансиски обврски, а просечниот долг на корисниците на услугите на ЕОЅ Матрих Македонија достигнал 3.811 евра, што е за околу 50 проценти повеќе во споредба со претходниот анализиран период. Податоците на компанијата укажуваат и на зголемување од 25 проценти на бројот на корисници со микрофинансиски производи.
Според анализата на компанијата, просечниот корисник е маж на возраст од 48 години, со просечно 1,6 задолжувања. Најголем дел од корисниците имаат само еден долг, но има и случаи на лица со девет или десет задолжувања преку различни финансиски производи.
Најголемата категорија корисници должи помалку од 2.000 евра, а речиси 30 проценти од побарувањата што ги презема ЕОЅ Матрих се затвораат во целост. Од компанијата посочуваат дека индивидуализираниот пристап и комуникацијата со корисниците придонесуваат за изнаоѓање решенија за отплата.
„Добиваме јасен сигнал дека потребата од професионална и индивидуализирана поддршка се зголемува. Истражувањето покажува дека се менува финансиското однесување на граѓаните, и особено сме горди што сите анкетирани корисници се изјасниле дека се задоволни од услугата што ја добиваат од ЕОЅ Матрих“, вели Катерина Бошевска, главен извршен директор на ЕОЅ Матрих Македонија и ЕОЅ Косово.
Од компанијата информираат дека во анкета спроведена во период од 30 дена, сите испитаници изразиле задоволство од добиената услуга и поддршката во процесот на изнаоѓање решение за финансиските обврски. Високи 93 проценти оцениле дека добиле јасни и лесно разбирливи информации, додека седум проценти биле делумно задоволни од информациите.
Анализата опфаќа корисници на возраст од 18 до 89 години. Најзастапена е возрасната група од 41 до 55 години, додека мажите сочинуваат околу две третини од корисниците. Според податоците на компанијата, жените покажуваат поголема ефикасност во навременото сервисирање на обврските.
Причините за доцнење со отплатата најчесто се поврзани со финансиска нестабилност и неочекувани животни околности, како задоцнета плата, губење на работното место и презадолженост. Кај младите до 25 години, невработеноста е една од главните причини за подоцнежен почеток на отплатата, но откако ќе се вработат, тие во просек побрзо ги подмируваат долговите. Повозрасните корисници, пак, почесто отплаќаат делумно и во подолг временски период.
Видот на задолжувањето се разликува во зависност од возраста. Кај повозрасните корисници доминираат кредитите, додека кај помладите се почести кредитните картички и микрофинансиските производи. Просечната уплата изнесува околу 1.200 евра, а 48 проценти од корисниците извршиле делумна или целосна уплата.
Најголем дел од корисниците се од Скопје, по што следуваат Гостивар и Тетово. ЕОЅ Матрих управува со портфолио од околу 150.000 предмети поврзани со побарувања од физички и правни лица на домашниот пазар.
Се менува и начинот на комуникација со должниците. Во последните две години компанијата бележи раст на бројот на корисници кои ја користат платформата за онлајн плаќање и отвораат профили на MyEOS. Со тоа, комуникацијата сè повеќе се префрла од телефонски разговори кон електронска пошта и апликации за размена на пораки. Помладите корисници почесто ги користат дигиталните решенија, додека повозрасните и натаму претпочитаат директен контакт со вработените.
Промените се совпаѓаат со резултатите од студијата на ЕОЅ Груп „EOS Banking AI Barometer“. Според истражувањето, 46 проценти од европските потрошувачи сметаат дека вештачката интелигенција ја подобрува комуникацијата со банките, додека 29 проценти за чувствителни финансиски теми би претпочитале разговор со вештачка интелигенција наместо со човек. Дополнително, 61 процент од испитаниците сакаат проактивни предупредувања од вештачката интелигенција кога постои ризик од пречекорување на сметката.
